Младите лекари се иселуваат во Германија затоа што на јавните огласи за вработување што се објавуваат во земјава не победува мерит системот туку победува дискреционото право на партиски поставениот директор да одбере кандидати за лекари или друг медицински кадар потребен во јавните здравствени установи, кој не секогаш е најдобро рангираниот на листата.
Околу илјада млади лекари од три здруженија ја потврдиле оваа пракса и дел од нив веќе кажале дека си заминуваат од Македонија поради неа. Во интервјуата што ги спровело здружението „Солуција“ еден од младите рентген техничари кажал дека во Македонија не можел ни да се вработи, а во Лондон станал шеф во болницата.
Затоа „Солуција“ во соработка со Здружението на млади правници бара да се промени Законот за здравствена заштита така што директорот ќе го загуби дискреционото право да вработува кого сака, туку да мора да се води по ранг-листата и да ги избере за вработување најдобро-рангираните кандидати.
Министерот за здравство Арбен Таравари дал поддршка за иницијативата и ветил дека ќе го поврзе здружението со работната група за измени на Законот за здравствена заштита за овие предлог-решенија да станат дел од измените на Законот. Сега останува само чекорот Министерството за здравство да формира работна група и да го инкорпорира ова предлог решение во измените на Законот за здравствена заштита.
-Македонското здружение на млади правници ја поддржува иницијативата на организацијата „Солуција“ за законско уредување и гарантирање на фер постапка за избор на кандидати за доктори во јавните здравствени установи. Предложивме решенија со кои ќе се адресира проблемот што постои сега а тоа е неограниченото дискреционо овластување на директорите во јавните здравствени установи да изберат кандидати за вработување независно од ранг-листата која е изработена од комисијата.
Предлагаме нешто што веќе постои во другите области од јавниот сектор како образованието и културата, а тоа е – директорот да биде обврзан со ранг-листата изработена од комисијата. Ранг листата да биде базирана на објективни критериуми и да спроведе објективен процес на проверка на кандидатот и директорот единствено да може да го потврди изборот на кандидатот. На овој начин ќе се ограничи можноста за недозволено влијание во процесот на избор а од друга страна ќе се овозможи избор на најдобрите кандидати во јавните здравствени установи, вели Гоце Коцевски од Здружението на млади правници.
Според здружението „Солуција“ партизацијата на јавното здравство оневозможува на вистинските позиции да се вработат дипломираните студенти со највисок просек, туку уште владее партиското тефтерче и волјата на директорот кој може да одбере кандидат што е на седмото или осмото место од ранг-листата. Дополнително, проблематичен е и начинот на кој се објавуваат јавните огласи за на нив да не може да аплицираат сите туку само тие што однапред се известени дека треба да „победат“.
-Бараме огласот да се објавува на подолг период од сегашниот што е 5 дена. Сега огласите траат само 5 дена. Ние бараме со предлог-измените на Законот за здравствена заштита задолжително огласот да се објавува на веб-страницата на Агенцијата за вработување за сите да може да го видат и да имаат време да ги соберат документите, додава Коцевски.
Целта на ваквите предлог-законски измени се да се намали ризикот од корупција и да се вработат вистинските кадри на вистинските позиции во здравството како натпартиско јавно добро./С.П