Мировна порака и апел за зачувување на соживотот во Македонија. Ова следува откако кулминираше прославата на Денот на албанското знаме. Македонски знамиња беа симнати од јарбол, дел завршија пеплосани и искинати. Полицијата одговори со приведувања.

Пред очите на јавноста се вееја и знамиња со иредентистички симболи. Со тоа, се зголемија тензиите и се покренаа бројни прашања и дилеми за меѓуетничкиот соживот. Покрај одговорот на институциите, денеска со реакција се јавија и лидерите на верските заедници.

Тие се собраа во просториите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и се обратија до секој граѓанин, со повик за разум во чувствителен момент.

„Бог нѝ дал да живееме во една, заедничка држава. Затоа ние, поглаварите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница, ги повикуваме сите македонски граѓани да не потклекнат пред некои обиди за нарушување на соживотот“, вели протоѓакон Драган Иванов.

Advertisement

Во денови на тензија и провокации, полицијата приведе и уништувачи на албанското знаме во Прилеп, кое го сквернале како реакција на претходните случувања.

Наместо вакви работи, лидерите на верските заедници повикуваат да се почитуваат државните симболи.

„Сите заедно да продолжиме да ја продлабочуваме меѓусебната солидарност и да ја запазуваме почитта едни кон други, кон државните симобли на нашата Татковина и кон симболите на сите етнички заедници во неа“, додава протоѓакон Драган Иванов.

Покрај лица кои сквернавеле знамиња, МВР во изминатите денови приведе и учесници во тепачка, а во текот на прославата се чуле и рафални и поединечни пукања. Пиштолџиите исто така ќе одговараат пред законот.

Сите овие случувања, според министерот за внатрешни работи Тошковски, се причина полицијата да се сомнева во организатори на насилствата./Telma

Advertisement