Го возел Љупчо Палевски-Палчо на релација Белград-Бугарија-Турција, но негирал дека во тие моменти знаел дека во неговиот автомобил има лице кое е осомничено за двојно убиство, дознава „Скопје1“. Ова во кратки црти е исказот на лицето С.Д. кое е од Струмица.
„Скопје1“ дознава дека тој пред полицијата тврдел дека за вмешаноста на Палчо во убиствата дознал на 3. декември – датумот кога Обвинителството (вечерта) соопшти дека Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се убиени, а во јавноста експресно се рашири информацијата дека организатор и реализатор е Палчо.
Транспортерот на Палчо, на социјалните мрежи споделил и фотографија од Турција која е објавена на 3 декември, но утрото. Ова укажува дека и Палчо бил во Турција кога јавноста и институциите почнаа да бараат одговорност. МВР за цело време го има неговиот траг. Транспортерот посочил дека бил искористен од Палчо.
Фотографија објавена од транспортерот на Палчо направена во Турција
Упасениот транспортер на Палчо, се противел и да му се одреди мерка притвор. Реагирал и кога бил запрен на граница, а возилото му било запечатено, додека тој со полициска придружба бил однесен во станица, па донесен во Скопје, дознава „Скопје1“. Пред полицијата раскажал сѐ – го опишал секој момент поминат со Палчо – лице кое институциите го посочија како креатор, организатор и реализатор на убиствата на Панче и Вања, велат нашите извори од истрагата.
На социјалните мрежи кружи и фотографија од транспортерот и Палчо, но „Скопје1“ не успеа да утврди дали истата е направена и споделена во периодот додека осомничениот за организација и реализација на убиствата е во бегство.
Транспортерот на Палчо, возел бел џип „Ланд ровер“. Тој го возел осомничениот преку граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). Нему му е изречен притвор од 48 часа.
Засега е познато и дека Палчо од Македонија до Белград отишол со неговиот адвокат, кој во медиумите сподели дека откако дознал дека е осомничен за двете убиства, му пишал порака да се врати и да даде исказ.