За органското сирење на Вангелина Пармачка од село Будинарци беровско има список и се чека по една година за да се дојде на ред. До оваа состојба таа, сопругот и трите деца се дојдени со макотрпна работа и упорност.

Кога се венчале со сопругот почнале со 15 грла овци, а токму упорноста на Вангелина како носител на семејното стопанство ги донело денес да имаат преку 500 грла и се уште да се прошируваат, да имаат полн двор механизација за се што им треба во полето да ги работат сите свои ниви кои ги поседуваат за житарки, луцерка и да земаат под кирија дополнителни површини за напасување на овците. Оваа, сега успешна жена претприемач ја знаела целта кон која се стремела и вели сè се постигнува со упорност и со работа.

-Од земјоделството може добро да се живее и да се биде среќен и успешен ако ја имаш целосно поддршката од семејството и не се откажуваш од проблемите кои наидуваат попатно кон остварување на тоа што си го замислил. За нашето органско сирење луѓето си доаѓаат и од куќен праг ни го земаат, а има и доста странци кои се тука на поминување и купуваат од сирењето. Ние сме задоволни од постигнатото досега, вели Вангелина Пармачка од Будинарци Беровско.

Жените се столбот во семејството, вредни и многу активни во производството каде се рамо до рамо рамноправни. Вангелина која е и член на националната федерација на фармери каде активно учествува во креирањето на политиките и активностите за поттикнување на руралните жени во битката за нивната рамноправност во земјоделството им порачува на сите жени а особено на помладите да бидат упорни и вредни и да не се разочаруваат ако им дојде нешто тешко, туку здраво и силно да продолжат кон зацртаниот развој на својот агробизнис и да не размислуваат за странство.

Advertisement

-За да произведуваме органско сирење моравме да исполнуваме одредени критериуми. Не беа многу тешки но моравме се да направиме како што се бараше. Сега овој правилник што го донесоа за продажба од куќен праг многу ни помага иако цената за органското сирење е иста како и за другите сирења.

Единствена предност е тоа што немаме проблеми со пласманот бидејќи сега се бара нашиот производ заради квалитетот кој го има. Голем проблем имавме со јагнето кое ни го земаа по багателни 100 денари а нас не чини 170 до 180 денари па сега чекаме на субвенцијата од 400 денари од грло кои треба да помогнат да се намалат во тој дел загубите, додаде Пармачка.

Оваа вредна жена не запира со идеите и со зацртаните цели за развој на својата фарма во склопот на која имаат и мини млекара каде се врши преработката. Веќе аплицирала за поддршката од 3 илјади евра за активен женски член а планира и преку ИПАРД да аплицира за до опремување на мини млекарницата како и за осовременување на процесот на одгледување преку набавка на молзачка за овците.

Иако е срцето на семејната фарма сепак признава дека за да тоа што е успешна жена земјоделка најзначајно е тоа што зад неа целосно стои нејзиното семејство без која поддршка немало да бидат таму кај што се денес.

Advertisement