Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во неколку влади, Бујар Османи, вели дека нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“.

Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека тој не знае дали Груби има државјанство на Албанија, но порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“.

„Партијата ја дефинираат принципите, ја дефинираат политиките, колективните одлуки коишто таа ги носи во тој дел. Мислам дека не може да се најде нешто спорно во однос на политиките на ДУИ, посебно во однос на антикорупциската политика“, рече Османи.

На забелешката дека тоа не може лесно да се сведе на поединец, со оглед на високите државни и партиски функции на Груби, Османи одговори дека „партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки.“

Advertisement

„Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки“, рече Османи.

Во однос на ставањето на Груби на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, Османи рече дека одредени политички партии ја злоупотребиле довербата на Амбасадата на САД и ги искористиле информациите уште пред официјално да бидат објавени.

Advertisement