Пицата е можеби најсаканото и наједноставното јадење кога станува збор за брза одлука за ручек, вечера, па дури и за појадок – особено кога е сабота наутро, па смрзнатите полуготови теста се како порачани за да направите добар оброк.
Но, наместо класичната „капричиоза“ или варијантите со месо, овојпат се инспирираме малку поинаку. Ви нудиме една вегетеријанска варијанта, во која освен што има многу здрави намирници, има и интересна промена на основата врз која една пица „лежи“. А тоа е – сосот.
Пица сосот е најчесто доматна комбинација со босилек и лук. Овој пат наместо домати, да му дадеме предност на ова зимско здраво парче зеленчук, а тоа е цвеклото.
За оваа пица потребно ви е:
- 1 полуготово тесто за пица
- 1 средна големина сварено цвекло
- 1 чешне лук
- сол
- оригано
- главица црвен кромид
- рукола
- моцарела
- сечкани ореви
- маслиново масло
Подготовка:
Најпрво свареното цвекло ставете го во блендер со лукчето, малку маслиново масло и сол и направете паста, налик хумус. На тестото за пица премачкајте ја смесата, ставете кругови црвен кромид, моцарела на парчиња, сечкани ореви и рукола. Печете ја пицата до саканата крцкавост и пред служење попрскајте ја со маслиново масло.
Наздравие!