Неделава православните христијани слават голем и меѓу народот многу почитуван светец – Свети Никола.

Свети Николај Чудотворец архиепископ Мирликиски се празнува на 19 декември, а годинава празникот се паѓа во четврток.

Свети Никола се родил во Патара, во малоазиската област Ликија, во третиот век. Уште од малечок се одликуваше со посебна чистота на душата и предаденост на Бога. Подоцна, во зрелата возраст, посака да стане монах, но Бог самиот, во едно видение, го упати да се врати во светот и така да им служи на луѓето. На чудесен начин беше избран за архиепископ на главниот град на Ликија, Мира. За време на гонењето на христијаните при Диоклецијан, беше ставен во затвор. Подоцна учествуваше на Првиот вселенски собор, во 325 година. Блажено се упокои во 342 година, во длабока старост.

Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

Advertisement

Беше најблаг пастир, голем чудотворец и помошник во секакви неволји. Заштитник е да учениците, патниците, аптекарите, морепловците…

Неговите нетлени мошти беа пренесени од Мира во Бари во единаесеттиот век. Таму се наоѓаат до денес.

Епископот Николај советува дека никогаш не треба да се зборува предвреме за нештата, ниту, пак, да се спомнуваат работи во кои не сме сигурни. Овој совет треба да го применуваме секој ден од нашиот живот, за да бидеме поисполнети и да станеме луѓе во вистинска смисла на зборот.

Во некои краеви се одржал обичајот да им се подаруваат подароци на децата бидејќи Свети Никола е нивен заштитник.

Именден празнуваат Никола, Николче, Николина, Николија…

Advertisement