Антибиотските дејства на лукот се познати уште од дамнешни времиња, а покрај него постојат и некои други природни антибиотици кои помагаат при разни болести како настинка, грип, забоболки и разни респираторни инфекции.
Овие намирници имаат позитивен ефект врз имунитетот, зајакнувајќи го одбранбениот механизам на телото.
Покрај лукот, ова се најмоќните природни антибиотици кои треба да ги имате во својата домашна аптека.
Мед
За медот е познато дека има антимикробни својства. Исто така, тој е одличен за третирање на воспаленијата на дишните патишта, но и за побрзо заздравување на рани. Медот содржи органски киселини, минерали во трагови, антимикробни соединенија, витамини Ц, А и бета-каротен и многу друго.
Покрај тоа, медот содржи и висока концентрација на водород пероксид и мравја киселина кои имаат антибактериски својства.
Чајно дрво
Етеричното масло од ова растение исто така има антибактериско дејство. Помага при атлетско стапало, габични инфекции на ноктите, херпес, сите воспаленија на кожата, вклучувајќи акни, рани и изгореници, како и во лекување на тврди и болни чиреви. Исто така, есенцијалното масло од чајно дрво е одлично за отстранување на првут.
Меѓутоа, за разлика од другите природни антибиотици, чајното дрво не смее да се зема орално бидејќи може да предизвика сериозни несакани ефекти, а при третирање на кожни проблеми треба да се разреди затоа што може да предизвика алергиска реакција.
Жалфија и мајчина душица
И двете од овие билки имаат силни антисептички ефекти и најчесто се користат за болки во грлото, вклучувајќи и бактериска ангина. Орално се употребуваат за воспаление на горните и долните дишни патишта, а за воспаленија на кожата се применуваат надворешно.
Жалфијата се препорачува како течност за испирање на воспалените непца, а помага и кај афти, додека мајчината душица е одличен лек против кашлица бидејќи го стимулира кашлањето при продуктивна кашлица, а ја смирува сувата кашлица.