Посната сарма од рацете на тетка Драгица




Од 27-ми ноември, православните празници кои се чествуваат во земјава се посни. Во овој период трпезите на македонските домаќинки се прилично богати, а посната сарма е незаменлива како традиционално јадење карактеристично за зимскиот период.
Од вредните раце на тетка Драгица, секоја зима се подготвува посна сарма од кисела зелка со ореви. „Според мене, сармата е едно од најубавите македонски јадења.




Во зависност од периодот, сармата може да биде посна, мрсна, од винова лоза како и од кисела зелка. Во овој случај, сармата која ја подготвив е од кисела зелка со ореви.“ – вели тетка Драгица.
Постапката за приготвување на ова традиционално јадење не е воопшто лесна. За негово подготвување потребни се нешто повеќе од два часа. „Најпрвин се подготвува смесата составена од праз, ориз, толчени ореви, магдонос и зачини по желба.




Празот се пржи во тава и чекаме да омекне. Откако ќе омекне се додава претходно исчистениот ориз, толчените ореви, магданосот и зачините. Смесата се пржи на умерен оган, а е готова кога оризот е веќе омекнат.“ – вели тетка Драгица.
Откако смесата е испржена, се преминува на приготвување на зелката. „Се одделуваат листовите од киселата зелка, а од нив се отсекуваат жилите. Претходно подготвената смеса се витка со овие листови. Големината на сармите е по желба на домаќинката. Некои ги прават округли, додека јас ги правам мали и правоаголни.“ – вели охридската домаќинка Драгица.




„На дното од длабокиот сад каде што ги варам сармите, за да не загорат ставам неколку исечкани листови од зелката. Над нив ги редам сармите, а на последниот ред повторно ставам од исечканите листови. Долевам вода, а над тенџерето ставам мала плитка чинија за да не се растури смесата. Садот го ставам на тивок оган на 150 степени, а се вари од два до три часа се додека зелката не омекне.“ – потенцира тетка Драгица.




Инаку, сармата важи за класично економично јадење. Традицијата говори дека во зимскиот период, ова јадење се јаде со туршија и лути пиперчиња, а неодминлив дел е од посните куќни слави.