Животот сурово си поиграл со семејството Шакирови од Велес. Мајка, татко и нивните четири чеда живеат во нехумани услови. Распадната куќа со паднат кров, скршени прозорци, мувла, лебарки. Децата спијат на еден кревет, а на јорган послан на подот ноќта ја минуваат таткото Гемал и мајката Сара. Најмалото е десет месечно бебе, најголемото има пет години – сите едвај преживуваат. Од ден за ден се снаоѓаат, се борат да обезбедат леб и млеко за децата. Немаат никакви примања од државата, живеат само ако Џемо нешто сработи, тој дневно заработувал 500 или најмногу 1.000 денари.

На зимските минусни температури се топлат само со една греалка. Вода имаат само во купатилото кое е во ужасна состојба. Личната хигиена ја одржуваат капејќи се во корито, на сличен начин мијат и садови.

Фрижидерот им е празен. Велат најпотребна им е храна, пелени, но неопходна им е и машина за перење. Мувлата е декор на сите ѕидови во малата куќа, скршените прозорци ги покриваат со кебиња за да не им студи. На дечињата најголема желба во оваа нова 2025 година им е да имаат храна, но сакаат и по некоја играчка.

Новогодишните пакетчиња полни со чоколади играчки и слатки им донесоа барем за момент, искрени насмевки на Мерием,Кан, Снеже и Мухамед. Шакирови се надеваат дека институциите ќе ги слушнат нивните барања и ќе им овозможат достоинствен и нормален живот. Тие не испратија од нивниот скромен дом со надеж дека тажните детски очи ќе допрат до надлежните институции и хуманите граѓани.

Advertisement

Advertisement