Православна црква и нејзините верници денес го одбележуваат денот посветен на свети Евстатиј (Јевстатиј), заштитникот на ловците.
На 3 октомври се празнува споменот на свети Евстатиј – заштитник на ловот, шумите и гората.
Во житието на светецот се вели дека во младоста се викал Плакида, и дека живеел во периодот од 70 до 120 година по раѓањето Христово, во Рим.
Бил страстен ловец и војсководец во времето на царевите Тит и Трајан. Според преданието, еден Велики петок кога тргнал во лов, во шумата наишол на елен, а меѓу неговите рогови со Божја промисла се појавил светол крст. Тогаш слушнал глас Господов кој го повикал да се крсти.
Плакида го послушал повикот, се покрстил заедно со сопругата и двајцата синови и добил ново име – Евстатиј. Потоа повторно се вратил во шумата каде што му се јавил еленот, и таму му се заблагодарил на Бога што го привел кон христијанската вистина.
Повторно чул таинствен глас кој му го предвиде страдањето. Тајно го напуштил Рим и со семејството се преселил во Египет, каде што поминал петнаесет години во тивко смирение.
Кога повторно настапиле варварски напади врз Римското царство, царот испратил војници да го најдат славниот војсководец. Така Евстатиј бил вратен во Рим, но новиот цар Адријан барал од него да принесе жртва на идолите. Евстатиј одбил и јавно исповедал дека е христијанин.
Царот го предал на маки, но ѕверовите не му направиле ништо. Конечно, заедно со жена му и децата бил фрлен во раскален метален вол. На третиот ден нивните тела биле извадени неповредени од огнот и потоа чесно погребани.
Уште во III век христијанските ловци почнале да го слават свети Евстатиј како великомаченик и заштитник на ловот – обичај што се задржал до ден-денес.
Се верува дека денес треба да се прочита молитвата која носи среќа и ја оддалечува несреќата:
Тропар (глас 4):
„Мачениците Твои, Господи, во своите страдања примија непропадлив венец од Тебе, нашиот Бог, зашто имајќи ја Твојата помош ги победија мачителите и ја разорија немоќната дрскост на демоните: преку нивните молитви спаси ги нашите души.“
Во житието е опишано и големо искушение: Евстатиј ги изгубил своите два сина – едниот го однел лав, другиот волк – пред неговите очи. Наместо да падне во очај и да си го одземе животот, тој со надеж во Бога издржал 15 години како најамник и доживеал повторно да ги види синовите.
Затоа овој светител се слави како пример на трпение, вера и непоколеблива надеж.
Се верува и дека денес е добро да се прошета низ шуми, ливади или паркови во негова чест, зашто тоа носи „ловечка среќа“ и Божји благослов.