Светата маченица Пелагија Тарсиска, иако потекнувала од родители незнабошци, уште од мали нозе во срцето почувствувала љубов кон христијанството. Во тоа време царот Диоклецијан најстрого ги прогонувал христијаните, но по игра на случајот, неговиот син се вљубил во Пелагија.
За да избегне запросување, Пелагија спасот го побарала кај епископот Клинон, кој ја вовел во верата и ја крстил. Таа ги соблекла своите скапоцени облеки, се откажала од богатството и како сиромашна девојка се вратила дома и ѝ признала на мајка си дека е крстена и дека својот живот му го посветила на Христос. Кога го слушнал тоа синот на Диоклецијан, од тага се прободел со меч и си го одзел животот. Мајката на Пелагија, која сакала ќерката добро да се омажи, од злоба ја предала ќерка си на милост и немилост на Диоклецијан.
Поттикнати од оваа приказна, во народот се создале обичаи што треба да се почитуваат на денешниот ден. Денес не се палат свеќи, ниту поголеми огнови. Во спротивно, според верувањето, ќе ја навлечете лошата судбина на Пелагија и ќе останете без пород и потомство, но и без љубов.











