Покачувањето од 0,5 % од Народна Банка не би требало да доведе до сериозно покачување на каматните стапки од страна на комерцијалните банки. Но, ако продолжи и понатаму покачувањето тоа може сериозно да ги погоди посиромашните граѓани, бидејќи тие најчесто земаат кредите, а не богатите – објаснува во разговор за ТВ21 економистот Бранимир Јовановиќ.

„Ако имате станбен кредит од 40 000 евра со рок на отплата 20 години со каматна стапка која е 4% во моментов. Ако таа камата се зголеми за 0,5 % односно 4,5 % ќе плаќате 253 евра секој месец. Значи 11 евра повеќе. Ако се покачи за уште 0,5 ќе се зголеми за уште 11. И тоа делува дека не е голема сума , но ако помножите со 12 месеци во годината тоа се 130 евра. Ако помножите со 20 години колку што треба да го плаќате кредитот излегува дека се околу 3 000 евра“, вели Бранимир Јовановиќ.

Оние кои веќе имаат или размислуваат да подигнат кредит ќе бидат погодени, би се „спасиле“ само тие со фиксни каматни стапки. Сите централни банки во светот ги покачуваат каматните стапки и економистите зборуваат дека ерата на ниски камати е готова. Во последните 10-тина години светот живееше во ера на ниски каматни стапки како резултат на печатењето на многу пари од главните централни банки вклучувајќи ја и американската банка за да ги поддржат економиите. Покачувањето на каматните стапки е договор на инфлацијата само да не се претера, вели Јовановиќ.

„Оваа инфлација не може да се контролира само од централната банка. Централната банка влијае на страната на побарувачката односно централната банка влијае на она што луѓето го трошат, а оваа инфлација не е производ на она што луѓето трошат туку е производ на тоа што цените пораснаа насекаде во светот пред се поради војната“, додава Јовановиќ.

Advertisement

Клучен кој може да биде многу поефективен во контрола на инфлацијата е владата, вели Јовановиќ. Со контрола на цените или со замрзнување на цените. Многу ќе биде погрешно ако Владата реши да ја укине контролата на цените, бидејќи ќе предизвика уште поголема инфлација. Инфлацијата од 10% која е највисока во последните 20-тина години, дополнително ќе порасне, сметаат експертите./ТВ21

Advertisement