По 20 години минати во Швајцарија, Киро Гоцевски од село Нов Истевник, Делчево, се врати во родниот крај, со цел да започне нов бизнис. Станува збор за фарма за магариња, а како што појаснува Гоцевски, тоа е доста исплатлив бизнис, кој кај нас се уште не е доволно познат и развиен.




Според него, магарешкото млеко има висока цена на светскиот пазар, а поради хранливите и како што вели, лековити состојки, е доста баран производ.




На својот имот од околу 25 хектари, тој веќе заградил околу четири хектари земјиште, на кои одгледува 43 магариња, од кои две машки и 41 женско.
Во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува дека цената на литар свежо магарешко млеко во регионот се движи околу 80 евра, додека пак замрзнатото се продава по 50 евра за литар. Кај него цената била пониска, 50 евра за литар.




-Поминав 20 години работејќи во Швајцарија. Време ми е да се сконцентрирам на сопствен бизнис, во родниот крај. Правев разни анализи, доста се информирав, сфатив дека во бизнисот со магарињата лежи голем потенцијал. Кога на сопругата и на децата им кажав за својот план, на почеток имаше мали натегања од нивна страна. Но, сега, кога гледаат дека сум бил во право, ја добив нивната поддршка.




Децата уште се школуваат во Швајцарија, сопругата планира по завршувањето на нивното школување да се врати овде, со мене, се надевам дека ќе создадам добри услови и децата да посакаат да го продолжат животот во Македонија – раскажува Гоцевски.




Околу фармите со магариња, појаснува дека во нашата земја знае дека има мал број, во охридско, со по околу десет магариња. Вели дека тој планира да го зголеми бројот и да чува околу 200 – 300 магариња во иднина.




-Магарињата не се баш лесни животни за дресирање. Знаат да залутаат, се случувало да ги барам, да ги бркам низ шумата. Имам човек кој се грижи за нив, јас доставувам храна. Јадат сено, пченка, јачмен, овес, дневно трошам околу 2.500 денари за нивната исхрана.
Токму од исхраната зависи и колку млеко ќе дадат. Една магарица дневно може да даде од 400, па се до 800 мл. млеко – појаснува 48-годишниот фармер.
Додава дека планира да ја прошири фармата, да направи повеќе штали, да подготви голема површина на земјиште каде тие би паселе.




-Пандемијата со корона вирусот ми ги помати малку плановите со бизнисот. Имав договорено средба со човек од Хрватска кој долго време е во овој бизнис, но поради вирусот се одложи. Кога сето ова ќе помине, не се сомневам дека ќе најдам добар пласман за млекото. И сега се случува, луѓе од целата земја да доаѓаат, купуваат млеко, добро е за зајакнување на имунитетот, го пијат здрави, но и болни луѓе. Купуваат кој по литар, кој по половина… Верувам дека со труд и посветена работа, фармата ќе заживее – вели Гоцевски.




Имал план да започне и со изработка на козметика на база на магарешко млеко, која станувала се попопуларна и барана во светот.
-Се прават сапуни, креми, козметички препарати од магарешкото млеко, одлични се за нега на кожата. Млекото содржи голема концентрација на витамин Ц, витамини и минерали, добро е за регенерација на кожата и против појава на брчки.




И сапуните поради содржината на калциум, магнезиум, омега 6 и други минерали и киселини се добри за обновување на кожата и хидратација.
Затоа во светот доста е барано во козметиката, да се надевам дека и кај нас ќе биде прифатено за широка употреба.




Во многу земји во светот го има во продажба, и не ми е јасно зошто на овој бизнис кај нас не се посветило внимание во минатото. Јас сум решен да успеам, доколку оди се како што треба со пласманот, верувам дека бројот на фармите со магариња во земјава ќе се зголеми и многу луѓе ќе се посветат на овој бизнис – ни раскажа Гоцевски.Фокус











