ФБ! Статус

Македонска инфлуенсерка продавала дрога…..Познатата македонска инфлуенсерка сликана во када…..инфлуенсерката пие шампањско од 700 евра…..инфлуенсерка ова…инфлеунсерката она….
Ова ли е патот за младите?

Influence е всушност убав збор кој со социјалниве мрежи, со новонастанативе изменети и изникаквени човечки „вредности“ толку го упропастија и го поврзаа со пари, богатство, со напучени усти и градите на изволте, што вистинското значење на зборот инфлуенсер го сведоа на колку следбеници има на инстаграм профилот. Читам, како некои заработувале само со ставање на слики од се и сешто, а на следбениците дури не им е ни битно од каде и што на сликата, важно е таа, се става лајк и таа/тој зема пари.

За мене (иако навистина не го сакам Зборот инфлуенсер, можеби заради тоа што е поврзан со се ова горе претходно напишано) е човек што има некакво влијание. На пример, учителот кој со своето знаење, со начинот на кој го пренесува, со својот даскалско-родителско-другарско-заштитнички однос влијае на нас за да се трудиме што повеќе да научиме и да си направиме вистинска насока во животот, со таквиот однос влијае врз нас да станеме добри момци и девојки, партнери во врските, родители/старатели, влијаел да ги прифаќаме и почитуваме луѓето. Едноставно влијаел секој од нас да стане Човек. Тоа за мене го имаше Учителката Маре, наставничката по англиски Елена, класниот Мирко и уште многу други и за многу генерации. Е тоа е инфлуенсер.

Advertisement

Истото може да се каже и за уметниците, некои со своите уметнички дела, со својот однос влијаеле врз младите и идни уметници да се пронајдат во таа сфера. Како што кажуваме дека за мојата желба за да бидам актер најголемо влијание имаше тетка Милица Стојанова, ете таа ми била мене инфлуенсерка.

Инфлуенсер, или влијателен човек е и оној кој прави добри дела и многумина гледајќи го, слушајќи ја, следејќи ги почнуваат и тие да го прават истото, во иста или различна форма. Ете го влијанието, ги поттикнува тие десетици па стотици па илјадници.

Има многу примери за вистинско влијание, за инфлуенсери со вистински вредности, но тие се потиснати од овој светски тренд, мода, а уствари едно големо НИШТО на сметка на кардашијанистките. Не може, не е нормално, не е логично да е инфлуенсер некој кој продавал дрога, некој кој заради криминални дејности бил во затвор па напишал книга и сега одма хвалоспеви и претставување на младите како успешен човек.

Не може да ми влијае некој/некоја само затоа што става полуголи слики, не може да биде инфлуенсер некој кој се фали со своето којзнае-како стекнато богатство а јас да се воодушевувам на тоа. Да, во ред, и Леброн има пари ама тој прави многу за децата, за заедницата, за училиштата, кошаркарски кампови, за насочување и изведување на децата на пат и ред други инфлуенсерки работи, тој така влијае врз нив.

Многу инфлуенсери, премногу а премалку од нив со вредносно влијание. Тука и порталиве наши им даваат премногу значење пишувајќи ги дека се инфлуенсери. Којзнае, можеби им се другарчиња, можеби инфлуенсериве си ја купуваат оваа титула. Па да, за нив веројатно е титула, живеат живот со стил, се осеќаат како да се на Мон Блан или дека Господ го фатиле за ……брада 🙂

Advertisement