Пчеларите велат дека има многу фактори кои водат кон неминовно поскапување на медот. Тука се пред сѐ неповолните временски услови, кои резултираат со слаби приноси, но и општото поскапување на другите намирници во државата. Од друга страна, објаснуваат дека граѓаните кои живеат со ниски плати и пензии, не можат да си дозволат често да набавуваат мед.

„Медот и сега е луксуз за граѓаните, затоа што повеќето го купуваат кога имаат некој здравствен проблем, кашлаат и имаат потреба од конзумирање на мед. Сметам дека килограм мед ќе поскапи за уште 200 денари понатаму. Климатските промени секако се проблем за нас.

Има години кога нема доволно храна и мораме да ги прехрануваме пчелите, и тоа е трошок“, вели Шефит Шемшедини, претседател на Здружението на пчелари „Матица“ од Струга.

Пеце Митревски, од Битола кој поседува пчеларник во селото Слоештица близу Демир Хисар објаснува дека на товар на пчеларите е поскапата храна, опремата за пчели, но и транспортот до самите пчеларници.

Advertisement

„Горивата поскапеа, а јас до пчеларникот и назад имам 90 километри. Ги немаме тие количини на мед кои сме ги ваделе во минатото. Се случувало пред 25 или 30 години да извадам 40 килограми мед од една кошница, а потоа имаше години со по 2, 5 или 10 килограми мед, а кога вадев 12 килограми сметав дека таа година е добра и бев задоволен.

Климатските промени нѐ доведоа до мали приноси. Има пчелари кои се откажуваат од работата, и јас размислувам, но ми е жал за пчелите оти тие пчеларници сме ги создале. Граѓаните немаат стандард за да платат повеќе од 500 денари за килограм мед. Нас ова ќе ни биде како хоби, и ќе работиме со мал приход“, објаснува Митревски.

Пчеларите од истокот, велат дека традиционално медот во западна Македонија е за нијанса поскап, но не знаат дали тоа е така поради помало производство или поради поголема побарувачка.

„Каква ќе биде цената на медот ќе зависи од годината. Ако приносот биде добар, цената може да остане иста, но доколку биде слаба може да има поскапување за 100 денари, затоа што веќе имаме поскапување на горивата, намирниците, работната рака“, вели за Фактор Методиј Парцански, пчелар од Виница.

Трошиме помалку од еден килограм мед по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјава имало над 99.000 пчелни семејстсва, при што во полошко има скоро 36.000, а на североистокот од земјата има 23.408 пчелни семејства. Истокот имал 10.323, југозападниот регион броел 14.097, југоистокот е со 4.827, пелагонискиот регион имал 2.807, скопскиот 1.902, а вардарскиот регион имал 6.207 пчелни семејства.

Сведоци сме на бројни поскапување од ден на ден. Пред се тоа се однесува и на прехранбени продукти и слично.

За пчеларите оваа година била една од најдобрите според количините на мед. Но, очигледно и според цената ако се земе предвид дека медот ќе го продаваат до 20 евра.

Ако до минатата година се продаваше за 10 евра годинава цената на медот е зголемена за 20 до 30 отсто заради економската ситуација и покачувањето на трошоците.

Па, се поставува прашањето дали и медот почнува да станува луксуз?

„Не сметам дека е скап, бидејќи една тегла нутела од 750г чини 270 ако го пресметам 1кг. нутела чини 500 денари. Мед со нутела да се споредува е кат астрофа. Медот се вади еднаш годишно, а нутела можеме да правиме кога сакаме во фабрика“, изјави пчеларот Нусмир Рамадани за ТВ 21.

„Цената на медот во зависност од економската логика на пчеларите треба да се движи минимум 600 денари, а максимим до 1200 денари“, изјави пчеларот Ванчо Кировски.

„Ние не сакаме да биде луксуз медот, сакаме да биде достапен за широка потрошувачка како превентива и како исхрана , но природата си го прави тоа“, додаде Кировски.

Формирањето на цената велат зависи од повеќе фактори не зависи од медарите. Климатските промени, глобалното затоплување влијае на количините на производство на квалитетен мед.

„Пчелите не идат со гориво, но ние идеме до пчеларниците со гориво така ги носиме материјалите кои од четвртти месец се качуваат најмалку 30-50% од даски до сите други потребни материјали. Пред три години еден кубик даски беа 180 евра сега е 360“, вели пчеларот Рамадани.

„Трошоците се зголемени за 60 до 100%. Кога зборуваме за горивото пчеларниците се оддалечени од нашите домови, а мораме секојдневно да патуваме за да ги посетиме.

За одржување на новите роеви потребна е шеќерна прихрана, а шеќерот е поскапен за 100%. Амбалажите се поскапени за пакување на медот“, истакна пчеларот Ванчо Кировски за ТВ21.

Advertisement