Цената на огревното дрво стигна
Интересот за огревно дрво преку „Национални шуми“ е во постојан раст, но и оваа година е планирана иста сеча како минатата.




За еден кубен метар дабово дрво треба да се издвојат 4.000 денари, а за буково 3.900 денари, со вклучен превоз. Ова е цената што ни ја кажаа во дел од скопските складови за огревно дрво. Купувачи, иако е лето, има. Дури потрошувачите со кои разговаравме, велат дека ова е вистински период за набавка на огревното дрво за добро да се исуши и добро да гори во зима. Исто така, како што велат купувачите, во лето дрвата обично се поевтини, но тие коментираат дека сегашните цени се повисоки од лани сред сезона.




– И минатата година не беше евтино, буката стигна до 3.700, а дабот до 3.800 денари, но сега е уште поскапо. Ние за да ја загрееме семејната куќа за оваа сезона купивме 10 кубни метри. Тоа значи дека одеднаш дадовме 40.000 денари. Тоа е голем проблем за едно семејство одеднаш да обезбеди толку пари – вели нашата соговорничка.




Но, нашата обиколка по складиштата покажа дека тие и сè уште не се наполнети со огревно дрво. Продавачите велат дека се надеваат дека ќе се снабдат од снабдувачите како што правеле и досега и дека ќе има доволно количини. Но, минатата година бевме сведоци дека во еден период потешко можеше да се дојде до дрва, особено квалитетни.
Огревното дрво традиционално е поевтино да се купи од „Национални шуми“.




Како што велат оттаму, цената за огревно дрво од бука за прва и втора класа е 3.387 денари, а за дабово е 3.505 денари за кубен метар. Но, таму се учествува на јавен повик, се пополнуваат барање и се чека испораката. Јавниот повик за испорака на дрва во претстојната сезона беше отворен од 16.12.2021 до 31.3.2022 година. Преку „Национални шуми“ се обезбедуваат дрва и преку синдикални и пензионерски друштва.




Граѓаните што ги затекнавме во приватните складови велат дека сакаат дрвата што ќе ги порачаат, веднаш да ги добијат. Тие потсетуваат дека минатата година некои од граѓаните што имаа уплатено дрва преку „Национални шуми“ ги немаа добиено навреме, иако грејната сезона беше започната. Според нив, подобро е и дрвото да отстои и добро да се исуши.




Од „Национални шуми“ за „Слободен печат“ велат дека интересот секоја година е поголем.
– Интересот за огревно дрво од страна на нашите складишта е во постојан раст, со оглед на тоа што цената за кубен метар е пониска во однос на другите складови. Сметаме дека и одреден број домаќинства што користеле друг енергент за загревање, на пример струја, чија цена е во постојан раст, се ориентирале кон огревното дрво – велат од „Национални шуми“.




Сепак, оттаму велат и дека планираната сеча за оваа година е иста како и во претходните години.
– Планираното производство на ЈП „Национални шуми“ за тековната 2022 година е во согласност со програмата, која е изработена според Посебните планови за стопанисување со шумите и претставува збир од поединечните предлог-програми на 30-те подружници во состав на јавното претпријатие. Програмата за работа е изработена со примена на техничките норми и нормативи во шумарството, како и во склад со реалните можности, технички капацитети и човечки ресурси во секоја подружница.




Во Програмата за работа за секоја година се детерминираат конкретни задачи, кои треба се остварат во текот на годината, имајќи го предвид остварувањето на главната општествена задача и основна цел во работењето на ЈП, а тоа е заштита и одгледување на шумите, како добро од општ интерес – велат од „Национални шуми“.
За 2022 година „Национални шуми“ планира да произведе 715.889 кубни метри дрвна маса, од кои 515.336 огревно дрво.