Луѓето со долготрајни здравствени проблеми како артритис чувствуваат поголема болка во деновите кога има зголемена влажност во воздухот, покажа британско истражување, а пренесува Би-би-си.

Популарно се вели дека студот ја влошува болката, но всушност нема толку многу студии за влијанието на времето врз здравјето.

Онаа спроведена меѓу 2,5 илјади луѓе од Универзитетот во Манчестер покажа дека луѓето чувствуваат посилни симптоми во деновите со зголемена влажност.

Авторите на студијата се надеваат дека тоа ќе ги стимулира идните истражувања за причините за оваа асоцијација.

Advertisement

Вообичаено е да се слушне дека нечие колено боли поради времето – најмногу поради студот. Некои дури тврдат дека можат да го предвидат времето според чувството на нивните зглобови.

Ова истражување, наречено „Облачно со можност за болка“, беше спроведено меѓу 2,5 илјади луѓе со артритис, фибромијалгија, мигрена и невропатска болка од сите делови на ОК.

Тие ги пријавувале своите симптоми секој ден во период од еден до 15 месеци, а нивните паметни телефони ги снимале метеоролошките податоци од нивната локација.

Влажните, ветровити денови со низок воздушен притисок ги зголемија шансите за чувство на болка за 20 проценти.

Истражувачите нагласија дека не пронашле врска помеѓу температурата или количината на болка, туку дека е предизвикана од голем број фактори како што се ветерот, влажноста и нискиот притисок.

Професорот Вил Диксон, кој го предводеше истражувањето, рече дека сега останува на другите научници да истражат зошто влажноста е поврзана со болката, „што ќе ја отвори вратата за нови методи на лекување“.

Со овие заклучоци, можно е да се развие „прогноза за болка“ што ќе им овозможи на луѓето со хронична болка да ги планираат своите активности, пренесува „ Nationalgeographic “.

Advertisement