Поранешниот игумен на манастирот Острог и пензиониран епископ Јован, во својата неодамнешна беседа на празникот на Свети Кирил Александриски, упати длабоки зборови до верниците, кои поттикнуваат на сериозно размислување.
Тој нагласи дека Црквата не е само градежен споменик, туку жива заедница на луѓе кои се повикани на светост. Вистинската духовна зрелост, според него, се состои во одговорноста, прошката и милоста.
– Постот не е диета. Тоа е духовно оружје против злото. Но, ако постиме без да простиме, без милост, без да имаме благослов – тогаш сè е залудно. Ако во срцето не се случи промена, ако не се жртвуваме за да се приближиме до другите, тогаш постот станува само телесна вежба без духовна корист. Постот треба да нè учи да се одрекуваме од себеси и да Го прифатиме Христос. Ако не им простуваме на своите непријатели – не треба да се причестуваме – изјави владиката.
Тој потсети дека и самиот Свети Василиј Острошки станал симбол на исцелување и утеха токму поради тоа што живеел според Евангелието и бил пример за вистинска светост.
Во продолжение владика Јован проговори и за едно од најдлабоките духовни заболувања кај нашиот народ – зависта:
– Паметните луѓе заминуваат од земјава бидејќи овде ги понижуваме и им завидуваме. Ни недостасува вистински, домаќински однос. Ако семејството се распаѓа, ако децата не се воспитуваат, ако нема почит – тогаш нема ни светост. А без светост – нема ни иднина – рече тој, обраќајќи се со љубов, но и со загриженост.
Беседата не беше само опомена, туку и повик на враќање кон корените: верата, семејството, прошката и духовната обновa. Манастирот Острог и тој ден зрачеа со посебна духовна сила, потсетувајќи дека светоста не е резервирана за избраните – туку е дар и задача за секој човек.











