Македонските граѓани лани се опуштиле по кафеани ресторани и хотели, повеќе во споредба со претходните години. Угостителите и хотелиерите ги тријат рацете од профитите. За само девет месеци во 2024 година инкасирале приход од 270,2 милиони евра што е зголемување за 23,7 милиони евра во споредба со истиот период од 2023.

Ова го покажауваат последните податоци на Државната Статистика, според кои најголем дел од добивките се забележани во третиот квартал во 2024 година во угостителско-хотелскиот сектор каде е направен приход од 115 милиони евра, што е 42,6 насто во однос на вкупниот приход од сите 9 месеци.

Иако растот делумно се должи и на инфлацијата која во угостителскиот сектор изнесувала 5,5%, сепак значителениот дел од потрошувачката е резултат на зголемената активност во кафеаните и кафулињата.

Според претседателот на угостителската комора, Аркан Керим, ваквата состојба најмногу се должи на посетата на туристите во Македонија, кои во најголем број се дојдени од Турција.

Advertisement

„Па приходите се должат на странските туристи, кои дојдоа во многу зголемен број. Имате само 265.000 повеќе странски туристи само од Република Турција дојдени во Македнија и сите тие ручаат, вечераат, доручкуваат по хотелите. Мислам дека најголем број околу 40 50% од зголемување е на странски туристи“, вели Аркан Керим, претседател на угостителската комора во рамки на Сојузот на стопански комори.

Дека Македонија може да биде феноменална дестинација за туристите покажува бројката на посета на туристи и од други земји. Само минатата година во периодот од јануари до септември, вкупниот број на туристи изнесувал над еден милион, што е за околу 78.000 повеќе од 2023 година, а ноќевањата достигнале бројка од над 2 милиона и 800 илјади. Познавачите велат дека е потребно повеќе вложувања во оваа гранка.

„Можеме да имаме девизен прилив од над милијарда долари секоја година, само од странски туризам. Меѓутоа ние не ја сфаќаме сериозно оваа гранка за жал. Колку повеќе ќе ја сватиме посериозно, толку повеќе приходи ќе имаме. Вие рачунајте, 300, 400 илјади гости секоја вечер имаат вечера, македонска вечер во рестораните во Охрид, во Скопје, Битола шуирум Македонија по 20 евра, тоа прави цифра од 60, 70, 80 милиони евра само по тој приход“, вели Аркан Керим, претседател на угостителската комора во рамки на Сојузот на стопански комори.

Македонија изобилува со голем број природни убавини, а во рестораните и хотелите исто така гостите од странство не штедат за да пробаат дел од вкусната традиционална македонска кујна и убавите македонски вина. Керим вели дека за разлика од претходните години, Македонија денес има помал број на ресторани, но, со поквалитетни услуги.

„Храна и пијалоци, нормално за вечери во ресторани, во убави ресторани, во пицерии во сите тие угостителски објекти се трошат тие пари, бидејќи Македонија е многу убава и евтина дестинација во споредба со сите соседни држави на Балканот“, вели Аркан Керим, претседател на угостителската комора во рамки на Сојузот на стопански комори.

Според Заводот за статистика најголем дел од потрошените средства, односно 146,1 милион евра, се потрошени на храна и напивки, што е пораст во однос на претходната година. Потоа следат потрошените пари за пијалоци, кои достигнуваат 56,8 милиони евра, а ноќевањата на туристите ги чинеле 51,2 милиони евра./AlfaTV

Advertisement