Телефонот уште од 15-ти мај не престанува да ми ѕвони, секој ден сум во лов на змии. Во викендички, шупи, автомобили, но и во куќи, не знам колку заловив за помалку од еден месец – за ,,Фокус” раскажува Скендер Јусуфов, познат во регионот како Келе Змијата, човекот кој им шепоти на змиите, по што тие мирно му приоѓаат.

Келе живее со семејството во Криволак, Неготино. За него пишувавме пред четири години, кога раскажа за својата дарба, со шепотење да ги скротува и лови змиите отровници. Веста беше пренесена во медиумите од целиот регион, а потоа и ТВ екипа од соседна Србија дојде во Криволак и сними документарен филм за скротувачот на змиите.

Денес ни ја покажа змијата која што ја заловил во Дуброво, во куќа. Долга е околу два метри, се криела на таванот. Околу 40 минути и шепотел, ја извадил и ламперијата, и на крај таа се покажала и му пришла.

-Многу голема змија, позната е како штребица помеѓу народот. Не е отровна, најчесто оди по мирисот на млекото. Влегува во штали, но и во куќи, ако намириса млеко. Постои опасност да влезе во домовите каде има мали деца, доенчиња, луѓето треба да бидат максимално внимателни овој период во годината и да не оставаат отворени врати и прозорци доколку немаат заштитна мрежа – појаснува Келе.

Advertisement

Тој веќе околу 30 години се занимава со лов на змии, откако како младо момче од повозрасен овчар по име Коста, вели дека го научил змискиот јазик.

-Штребицата сега е кај мене дома, но како и со сите други змии и смокови кои сум ги фатил, ќе ја пуштам да си оди во шумата. Никогаш не сум убил змија, тие се мои пријатели со кои имам посебна врска. Стануваат питоми во моја близина, не се плашам од нив. И синот ја има мојата дарба, без страв им приоѓа, како да се обични миленичиња. Веќе и тој доаѓа со мене кога ќе ме повикаат да заловам некоја змија, тоа ни станува семејна традиција – вели Јусуфов.

Пред неколку дена го повикале во Росоман, каде од куќа извадил три змии. Додава дека секој ден му е работен, кога се змиите во прашање, а оваа сезона се изненадил од должината на влекачите кои ги заловил.

-Се појавија многу долги змии и смокови, лани не беше вака. И во многу поголем број од минатата година ги има. Влегуваат и во автомобили, насекаде околу луѓето ги има. Да не се создава паника кога ќе ги забележите, мирно повлечете се. И тие се плашат од вас. Јас веќе неколку недели сум без одмор, секој ден телефонот ѕвони, од сите краеви на земјата се јавуваат испаничени луѓе.

Шарка, поскок, смок, на се наидов овој период. Повеќето од влекачите се разни видови на смокови, тие не се отровни, но на нашето поднебје има и змии отровници. Се случува да каснат човек, но можат да нападнат и домашни животни. Сите кои ќе забележат змија на својот имот, можат слободно да ме побараат на мобилниот број 075 693 642, тука сум да помогнам – ни раскажа Келе.

Advertisement