Православните верници на 27 септември го слават празникот Крстовден.

Луѓето родени на овој ден се верува дека на своите јаки рамена ја носат сенката на Светиот крст и затоа се особено одговорни за своите постапки пред Бога.

На Крстовден се прави аџилак пред Светиот крст. По страдањата и распнувањето на Спасителот крстот станува жртвен знак на спасението и откуп на гревот. Крстот отелотворува жртвенa љубов, победата над злото, припадноста кон христијанството.

Во чест на овие два настана: наоѓањето на Чесниот Крст и неговото враќање од заробеништво се празнува празникот Воздвижение на Чесниот Крст. По првиот настан празникот се празнувал локално, а по вториот добил општохристијанска димензија.

Advertisement

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

Според народните верувања од Крстовден започнува есента. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим.

Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст. На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.

Македонскиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст“. Во Радовиш во црквата попот раздавал китки кои се чувале за здравје и за лек од уроци. Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден.

Во записите на Христо Шалдев за Гуменџе се вели дека тука гроздоберот секогаш станувал околу Крстовден. Во Дебарца Крстовден се смета за тежок празник и се држи како тежок пост. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло.

Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје и др. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје.

На 27 септември е голем празник, денот кога беше пронајден и ископан Светиот крст на Голгота и денот кога беше вратен од Персија во Ерусалим. Овој празник се нарекува и Возвишение на Светиот крст.

Се слави двапати во текот на годината, 18 јануари и 27 септември. Претходно, луѓето строго се придржуваа на постот на овој ден. Во некои села се одржуваат и панаѓури.

Стар обичај на нашите простори е на овој ден добитокот да се премачкува со катран во знакот на крстот за да се заштитат од болести. Народот верува дека змиите мируваат на Крстовден и дека веќе не се низ полињата.

Според некои стари обичаи, на Крстовден треба да се исперат сите алишта и да се исчисти куќата.

Според обичајот, важно е да ги вратите долговите или доколку имате вработени, да им исплатите плата. На овој начин, според верувањата се чистите од темната енергија и влегувате “чисти” во следната година

На овој ден, луѓето во црквата осветувале босилек, грозје, жито и јаболка. Овој осветен босилек се чувал со икона, а подоцна служел за разни заздравувања.

Се верува дека какво е времето во текот на Крстовден таква ќе биде и годината, односно:

– Ако е облачно на Крстовден, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде суво.

– Ако до Крстовден ластовичките не заминат на југ, нема да биде многу студена зимата.

– Тивкиот дожд на Крстовден предвидува блага зима.

– Грмотевица на Крстовден навестува плодна година.

– Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако денот е ведар, тогаш зимата ќе биде сува и студена.

Вообичаено е на Крстовден да се собере и освети босилек. Некои семејства го слават овој празник како куќна слава.

Повеќе за Крстовден:

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Јерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја, светата царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христа.

Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, што на Голгота го подигна царот Адријан.

Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да познае кој од трите е Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот.

А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживеа. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов Крст, чесен и животворен. Потоа истиот го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст.

Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Јерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година, грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Јерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но, одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор.

Патријархот Захарија виде Ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по кој Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Advertisement