Се празнува Св. маченица Харитина

Денеска е Св. маченица Харитина.

Во детството остана сираче. Ја посвои некој угледен човек и христијанин Клаудиј и ја воспита како своја ќерка. Харитина растеше зацврстувајќи се во Христовиот дух и избра да живее девствен живот.

За време на прогоните на Диоклецијан во третиот век, некојси царски намесник Дометијан ја доведе на суд како христијанка.

Advertisement

Откако го исповеда Христа пред судот и ги посрами идолопоклониците, беше ставена на маки.

Најпосле судијата прати некои развратни момчиња да ја осквернат. Харитина се помоли на Бога да ја сочува нејзината девственост и кога момчињата дојдоа до неа видоа дека таа веќе го беше предала својот дух.

Светиот свештеномаченик Дионисиј епископ Александриски

Роден е во Александрија од угледни незнабожечки родители и воспитан во грчката философија, а потоа и кај Ориген. Како момче ги прочита посланијата на Св. апостол Павле, поверува во Христа и се крсти од Димитриј, тогашниот александриски епископ.

Во 247 година стана епископ во истиот град и Му послужи на Бога и на народот Божји како вистински пастир, и тоа под мошне мачни околности. Однадвор Црквата беше гонета од незнабожците, а внатре цепена од еретиците.

Притоа уште удри и чума, којашто неколку години ги сотираше луѓето. Тој проживеа три години надвор од Александрија, засолнет од верните, за да не загине пред време.

За тие три години напиша многу посланија и други состави за своето стадо, поучувајќи го и храбрејќи го во држењето на Православието.

Меѓу неговите списи се наоѓаат и неколку канони коишто Црквата ги прифати. Исто така и неговото писмо против Новацијан се смета за канонско. Управуваше со Црквата седумнаесет години и во 265 година се упокои.

Преподобен Евдоким Ватопедски

Во 1841 година кога во Ватопед ја поправаа костурницата, мајсторите најдоа мошти на некој човек во став на клечење и со икона на Пресвета Богородица во рацете на градите.

Необично убав мирис се разлеваше од тие мошти. Не знаејќи ни кој бил тој свет маж ниту кога живеел, монасите му го дадоа името Евдоким и неговите мошти ги пренесоа во црквата во којашто стојат и денес.

Од тие мошти настанаа многубројни чудесни исцеленија. На сребреното ковчеже и денес стојат врежани зборовите: „Ова ковчеже за чесната главата на Св. Евдоким го изработи монахот Гаврил, когошто овој светител го исцели од тешка болест.“

Преподобните Дамјан, Еремија и Матеј

Печерски проѕорливци и чудотворци од 9 век.

Света Харитина се смета за заштитничка на невините и скромни девојки и жени до ден-денес. Се верува дека Света Харитина ќе им помогне на секој што ќе западне во неволја денес. Доволно е само искрено да побарате и ќе дојде духовна помош.

Advertisement