Докторката Маргарет МекКолум, иако немала потреба толку често да користи јавен превоз, секој ден одела на метро станицата Ембенкмент во Лондон од најтажната причина – да го слушне гласот на нејзиниот покоен сопруг.




Фразата со која патниците се предупредуваат пред пристигнувањето на секој воз да не се приближуваат до пругата за другите е само уште едно безбедносно предупредување, меѓутоа, за Маргарет тоа е начин да го задржи споменот на нејзиниот покоен сопруг Освалд Лоренс, пренесува „Унилад“.




Сопругот на Маргарет бил актер, чиј глас бил позајмен за најавата за Северната линија во 1950-тите. Двојката се запознала во 1992 година и живееле во северен Лондон до смртта на Лоренс во 2007 година.




„Откако умре, седев и го чекав следниот воз само за да го слушнам неговиот глас“, рече Маргарет, објаснувајќи како снимката и помогнала да го задржи сеќавањето на нејзиниот сопруг.




Меѓутоа, на 1 ноември 2012 година, гласот на Освалд замолкнал, а зачудената Маргарет се обратила до управата на јавниот транспорт за да открие што се случило.




„Се распрашував и ми рекоа дека е воведен нов дигитален систем, па неговиот глас повеќе нема да го има“, се присети Маргарет, а пријателскиот персонал кога ја слушнал нејзината трогателна приказна се погрижил да добие снимка од гласот на нејзиниот сопруг.




Сепак, приказната не завршува тука.
Директорот на лондонското метро Најџел Холнс открил дека персоналот бил трогнат од приказната на Маргарет, па решиле да се сретнат со неа.




„Бевме многу трогнати од нејзината приказна, па вработените ја следеа снимката и не само што ја испратија до Маргарет, туку работат на обновување на најавата во станицата Ембенкмент“, рече Холнс.




По напорна работа и пребарување во архивите и враќање на лентата, Маргарет повторно го слушнала гласот на својот сопруг за Нова година, а нејзината трогателна приказна е снимена во 2014 година во краток филм.




„Решивме да го пуштиме гласот три пати пред секој воз да влезе на станицата и пред да ги дадеме нашите дополнителни најави“, додаваат од железницата.











