Трнењето на рацете може да биде безопасно, но и знак за сериозни здравствени проблеми – дознајте кога е време да посетите лекар и кои се причините за оваа состојба.

  • Трнењето на рацете најчесто е поврзано со притисок или оштетување на нервите, но може да биде и последица на дијабетес, инфекции, повреди или недостаток на витамин Б12.
  • Итно јавете се кај лекар ако вкочанетоста трае подолго од вообичаено или е проследена со слабост, збунетост, вртоглавица, неразбирлив говор, парализа или губење контрола врз мочниот меур.

Често чувствувате трнење во рацете, а не знаете поради што се појавува. Причините за оваа состојба може да бидат многубројни – од оштетување на нервите до проблеми со циркулацијата.

Вкочанетоста на раката може да биде предизвикана од оштетување, иритација или притисок врз некој од нервите или нервните гранки во раката и зглобот.

Оштетување на нервите во рацете, раката или вратот, дискус хернија која врши притисок врз ‘рбетните нерви, притисок врз нервите предизвикан од тумори, инфекција или проширени крвни садови – се само дел од најчестите причини за трнење на рацете.

Advertisement

Најчести причини поради кои трнат рацете

Поретко, вкочанетоста може да биде предизвикана и од проблеми во мозокот или ‘рбетниот мозок. Во такви случаи, меѓутоа, може да се појават и слабост на рацете или дланките или губење на одредена функција.

Самата вкочанетост најчесто не е поврзана со потенцијално животозагрозувачки состојби, како што се мозочен удар или тумори. Болестите кои влијаат врз периферните нерви, како што е дијабетесот, исто така може да предизвикаат вкочанетост, иако кај дијабетесот сличните симптоми обично прво се појавуваат на стапалата.

Можни причини за вкочанетост на едната или двете раце се:

1. Состојби на мозокот и нервниот систем

  • Цервикална спондилоза
  • Гилен-Бареов синдром
  • Паранеопластични синдроми на нервниот систем
  • Периферна невропатија
  • Оштетување на ‘рбетниот мозок
  • Мозочен удар

2. Трауми или повреди

  • Повреда на брахијалниот плексус
  • Синдром на карпален тунел
  • Синдром на кубитален тунел
  • Смрзнатини

3. Хронични состојби

  • Алкохолизам
  • Амилоидоза
  • Дијабетес
  • Мултиплекс склероза
  • Рејноов синдром
  • Сјогренов синдром

4. Заразни болести

  • Лајмска болест
  • Сифилис

5. Несакани ефекти од лекување

  • Несакани ефекти од хемотерапија или лекови за ХИВ

6. Други причини

  • Ганглиска циста
  • Васкулитис
  • Недостаток на витамин Б12

Кога задолжително треба да побарате лекарска помош?

Ако вкочанетоста на рацете трае подолго отколку што вообичаено сте ја чувствувале, односно подолго од краткотрајниот период на кој сте навикнати, експертите советуваат да побарате медицинска помош.

Долготрајното трнење може да биде знак за сериозна здравствена состојба, особено ако симптомите се придружени со:

  • вкочанетост на други делови од телото
  • парализа
  • збунетост
  • вртоглавица
  • неразбирлив или отежнат говор
  • губење контрола врз цревата и/или мочниот меур
  • осип

Што може да направи лекарот за да утврди зошто ви трнат рацете?

Утврдувањето на причината за трнењето на рацете започнува со лекарски преглед и земање анамнеза, со цел лекарот да добие што повеќе информации.

Потоа, доколку е потребно, се прават дополнителни испитувања за да се утврди причината за трнењето. Меѓу најчестите тестови се:

  • анализа на крвната слика
  • тестови за функцијата на тироидната жлезда
  • тестови за нивото на витамини
  • токсиколошки анализи
  • тестови за нивото на електролити

За да се исклучат сериозни причини за трнењето на рацете, како што се тумори или мозочен удар, може да се направат и следните испитувања:

  • КТ-скенирање на главата и ‘рбетот
  • магнетна резонанца на главата и ‘рбетот
  • ултразвук на крвните садови на вратот
  • рендгенско снимање
  • ангиограм за откривање на стеснувања или блокади на крвните садови
  • лумбална пункција за проверка на нарушувања на нервниот систем
  • електромиографија за проверка на нервната стимулација

Лекување на основната причина за вкочанетоста на рацете

Иако вкочанетоста на рацете може да биде првиот или единствениот симптом што го забележувате и го чувствувате, сепак станува збор за состојба чија причина треба да се утврди и, доколку е потребно, да се лекува.

Многу од причините за вкочанетост на рацете може да имаат слични начини на лекување, а голем дел од симптомите може барем делумно да се ублажат со лекови.

Сепак, не се користат сите лекови за сите состојби, па затоа потребно е да се консултирате со лекар пред да земете какви било медикаменти.

Лекови кои може да се користат за лекување на симптомите поврзани со вкочанетост на рацете вклучуваат:

  • лекови против болки
  • антидепресиви
  • антиконвулзиви
  • мускулни релаксанси
Advertisement