Појадокот не треба да се прескокнува, а на работа, според овој професор, најдобро е да одиме со велосипед или пеш

Професор доктор Драган Иванов е специјалист по интерна медицина и основач и претседател на Здружението на вегетаријанци „Еден“ од Нови Сад.

Од раѓање никогаш не јадел месо и риба, а неговите совети за здрав начин на живот ги следат многумина.

Еве што, накратко, тој советува за некои од основните принципи кои треба да ги почитуваме доколку сакаме да живееме здраво и долго.

Advertisement

Важно е навреме да легнуваме

– Навечер треба да легнуваме навреме. Особено децата и младите во пубертет. Важно е да легнат пред 22 или 23 часот. Кога навреме ќе легнеме, ќе се наспиеме, ќе се синтетизира мелатонин, кој заедно со хормонот за раст ќе го регенерира нашиот мозок и целиот организам.

Наутро, веднаш штом ќе станеме, треба да го активираме мозокот.

– Како? Така што ќе му дадеме енергија. Најдобар извор на енергија за нашиот мозок и целиот организам се медот и овошјето. Нашиот мозок работи исклучиво на глукоза.

Затоа, децата не треба да одат на училиште, ниту ние да започнуваме со работа, без претходно да внесеме природни, непреработени јаглехидрати кои се наоѓаат во медот, овошјето и интегралните житарки – објаснува д-р Иванов.

Појадокот не треба да се прескокнува

Според него, појадокот е важен, а на работа би било добро да одиме со велосипед или пеш.

– Можеби ќе изгубиме малку повеќе време, но на тој начин правиме две работи истовремено. Одиме на работа, а во исто време се рекреираме и сме изложени на сончева светлина.

Ако работиме седечка работа, треба да бидеме свесни дека по три до четири часа седење, според неговото тврдење, мозокот значително ја намалува активноста.

Затоа, вели тој, треба да го прекинеме седењето и гледањето во екран или документи и да се раздвижиме пет до десет минути.

– Мозокот на тој начин повторно ќе се активира и сите работи ќе ги завршиме поефикасно – истакнува докторот.

Тој смета дека е многу важно секој ден да најдеме време за физичка активност која ќе трае од 45 до 60 минути, но и за престој на сонце.

Идеално време, според него, е периодот кога сонцето изгрева и кога заоѓа.

– Тогаш сонцето е во нашиот видокруг, ќе се синтетизира витамин Д, но уште поважно, мелатонин и серотонин – објаснува проф. Иванов.

Што да јадеме за ручек?

Кога ќе дојде време за ручек, најдобро е да избереме мешункасти растенија, како грав, леќа, грашок и наут.

Докторот, пак, советува вечерата да се прескокне.

Осаменоста и прекумерната употреба на технологијата

Иванов се осврна и на емоциите, за кои тврди дека можат да бидат токсични за здравјето, слично како високото ниво на холестерол или чадот од цигарите.

– Изолацијата и осаменоста, како и неспособноста за комуникација со другите луѓе, се потоксични за нашето здравје од чадот од цигарите.

Тој се осврна и на употребата на електронските уреди и социјалните мрежи кај децата.

– На дете од седум години нема да му дадеме марихуана, но му даваме друг токсин кој е поопасен од марихуаната. Тоа е прекумерната употреба на електронски средства и социјални мрежи. Тоа за децата е потоксично од пушењето марихуана – тврди д-р Иванов.

Како што вели, јасно е дека технологијата мора да се користи, но за тоа треба да се одвои одреден дел од денот, а потоа и пред и по користењето на уредите, треба да ги оставиме и вниманието да го насочиме кон она што е најважно – другите луѓе.

– Од односите со другите луѓе ја црпиме најголемата среќа и животна радост – заклучува докторот.

Advertisement