Неверојатно, но вистинито




Поради премалата порција пржени компири во Англија, морала да интервенира и полицијата. Имено, Џејмс Левин (22) нарачал порција помфрит со говедско месо и чили во ресторанот „Brewer’s Fayre“ во Њухавен, а требало да добие сос од сирење, павлака и млад кромид.




Меѓутоа, кога пристигнал оброкот кој чинел 5,79 фунти (околу 400 денари), тој не бил задоволен. Тој на социјалните мрежи сподели и фотографии од помфритот.




Со него биле мајка му, девојката и помладата сестра, но компирот не бил единствениот проблем. Џејмс тврдел дека коктелите биле послужени со мувлосано овошје, а некои од работите што сакале да ги нарачаат ги немало во ресторанот. Како резултат на тоа, им било понудено целосно враќање на парите за нивната нарачка од 70 фунти, бидејќи готвачот бил „премногу уморен“ за повторно да ги подготви оброците, пренесува Метро.




– Како што можете да видите на фотографијата, добивме две порции компири само со чили. Ништо од она што тие го тврдат не било на нив. Беше страшно. Нивниот аргумент беше дека тие навистина ги немаат оние додатоци што требаше да ги има. Кога плаќаш за нешто, очекуваш да го добиеш – се пожали Џејмс.




Ресторанот им понудил враќање на парите, но бидејќи не го прифатиле, повикале полиција.




– Иако не беше идеално, им понудивме алтернативни решенија кои гостите не ги прифатија, па ситуацијата ескалира и затоа е повикана полиција – велат од ресторанот.




Кога полицијата излезе на терен ја смири ситуацијата и никој не беше санкциониран.












